На 28.01.2019 година во Гостивар, во организација на Здружението на финансиски работници на локалната самоуправа и јавните претпријатија се одржа форумот „Финансиската и нефинансиската поддршка на граѓанските организации од локалните власти - состојби, можности и предизвици“ како дел од проектот „Граѓанските организации во служба на локалната демократија“.
Целта на форумот е поттикнување на дискусија за утврдените состојби, како и донесување на заклучоци и препораки за подобрување на финансиската и нефинансиската поддршка на граѓанските организации од локалните власти, кои се дел од Истражувањето на финансиската и нефинансиската поддршка на граѓанските организации од локалните власти.
Во рамки на форумот беше презентирана методологијата на истражувањето и анализата на добиените резултати од проф. д-р Борче Треновски, по што следеше дискусија каде што учесниците имаа можност да ги разменат своите ставови, предлози и идеи.
Преставници од општините и граѓанските организации ја дискутираа состојбата за финансиска и нефинансиска поддршка на овие два сектори во полошкиот регион и воедно се согласија дека е потребна поголема соработка помеѓу граѓанскиот сектор и локалните власти со цел да се поттикне развојот на општините
Проектот „Граѓанските организации во служба на локалната демократија“, е финансиран од Европската Унија преку ИПА програмата за граѓанско општество и медиуми, а е спроведуван од: Европската асоцијација за локална демократија (АЛДА) – Скопје, Здружението на финансиски работници на локалната самоуправа и јавните претпријатија (ЗФР) и Европското движење на Република Македонија (ЕДРМ).