На 30 октомври 2018 година, во хотелот Стоун Бриџ во Скопје, Македонскиот центар за меѓународна соработка, во рамки на Граѓанскиот ресурсен центар организираше дебата посветена на регрантирањето, научените лекции, перспективи и предизивици.
Дебатата имаше за цел споделување на регионални и национални искуства, практики и научени лекции од регрантирањето како механизам за поддршка на помалите граѓански организации. Настанот претставуваше одлична можност за организациите да дебатираат и да дискутираат за перспективите и предизвиците на регрантирањето, но и воедно да дадат предлози за подобрување на овој механизам.
Во рамки на сесијата наменета за споделување на национални искуства од страна на организации кои биле во улога на донор- организации свое обраќање имаше и Катица Јанева, од АЛДА Скопје која ги сподели искуствата од ре-грантовата шема на проектот “Граѓанските организации во служба на локалната демократија” која се спроведува оваа година.
Своите искуства ги споделија и претставиниците на Конект, Центар за граѓански комуникации и Преда плус. Исто како и АЛДА Скопје, тие имаат заедничка практика да ги менторираат нивните субгрантисти за областа во која делуваат, но и во раководењето на грантови. Сите организации воделе сметка добитниците на грантови да бидат млади организации со мали буџети и рамномерно распределени низ планските региони на земјата.