На 23 и 24 декември, 2019 година во Охрид се одржа обуката „Алатки за локална демократија и партиципативно буџетирање” која имаше за цел зајакнување на капацитетите на општините и граѓанските организации, размена на мислења и ставови за улогата на двете страни во практикувањето на локалната демократија, како и интензивирање на меѓусебната соработка.
Учесниците има можност да се запознаат со законската рамка за консултирање на засегнатите страни, процесот на донесување одлуки и креирање на јавни политики на локално ниво , кодексот на добри практики за граѓанско учество во процесот на донесување на одлуки на Советот на Европа, како и процесот на буџетирање и партиципативното буџетирање.
Во текот на обуката предавачите Гордана Несторовска и проф. Мемет Мемети имаа можност низ интерактивна дискусија да ги споделат и дискутираат со учесниците нивните искуства во поглед на учество на граѓанскиот сектор во процесот на донесување на одлуки, креирање на локални политики и учество во процесот на буџетирање, како и да споделат позитивни примери на локално и национално ниво.
Освен излагањата на предавачите и интерактивните дискусии, застапена беше и работа во групи, на која се работеше на планирање на општинската годишна програма и буџет, а се презентираа и можностите за имплементација на приоритетите. Обуката заврши со дискусија посветена на процесот на усвојување и извршување на општинскиот буџет.
Обуката „Алатки за локална демократија и партиципативно буџетирање” е организирана во рамките на проектот „Граѓанските организации во служба на локалната демократија”, спроведуван од страна на АЛДА, Европското движење во Република Северна Македонија, Здружение на финансиски работници на локалните самоуправи и јавните претпријатија и Локална самоуправа Велес и финансиски поддржана од Европската Унија.