Оваа публикација е подготвена за потребите на Институтот за човекови права „Лудвиг Болцман“ – БИМ-ФВ, Скопје, во рамките на проектот „Социјална инклузија и човекови права во Македонија“. Целта на проектот е примена на пристапот заснован на човековите права на полето на намалување на сиромаштијата и социјалната исклученост на национално и на локално ниво, што вклучува идентификување на ранливите групи, нивно директно вклучување во процесите на донесување одлуки што ќе влијаат врз нивниот живот, како и воспоставување систем за мониторинг и отчетност на носителите на обврски. Предмет на оваа анализа беше утврдување на состојбата, односно на потребите во однос на социјалното вклучување на локално ниво во следниве шест општини: Штип, Прилеп, Кичево, Сарај, Чашка и Радовиш.